Македоника Литера

Сјајно место за несреќа

Дамир Каракаш

250 мкд.

222 стр./ A5 формат (200x140)

      „Сјајно место за несреќа“ веќе е оценет како сјаен роман на неконвенционалниот хрватски писател со необичен живот, доброволец во Татковинската војна во Хрватска, воен известувач, „крал на црните хроники“, свирач на хармоника на париските улици.

      „'Сјајно место за несреќа' е роман за новата Европа и за старите односи на моќта, роман од дното на Европската унија' (Роберт Перишиќ), каде што емигрантскиот бран се снаоѓа како што знае, но често на нелегален начин. Ова е читливо, динамично и емотивно дело, најкомплексно и најдобро напишано од овој автор. Овој роман нуди поинаков поглед на големите западноевропски градови, дефинитивно поинаков од оној што го знаеме од туристичките водичи и брошури. Тој ја разбива идиличната слика на романтичниот Париз. Во романот се открива еден цел паралелен свет на париското подземје и на емигрантите во борбата за гол живот. Но во делото се препознаваат и многу автобиографски елементи.

      Главниот јунак во романот, преживува како уличен карикатурист, но тој всушност е млад и надежен хрватски писател, познат во својата земја, а кој во Париз дошол за да успее и таму. Таквиот живот на улица требало да биде само привремен, но инерцијата на секојдневното преживување сè повеќе јунакот го турка кон „стомакот“ на Париз. Во потрагата за успех надвор од границите на својата земја во транзиција, писателот го избира токму Париз – градот на светлината и на среќата, центарот на културата и уметноста, на слободата и човечките права, собиралиштето на сликарите, писателите и интелектуалците во дваесеттиот век. Но во дваесет и првиот век Париз открива едно поинакво лице – низ секојдневјето на младиот писател се открива еден паралелен свет на париското подземје и на имигрантите во борбата за гол живот. Наместо место на среќата, тој го доживува како место на маките и преживувањето. Во Сјајно место за несреќа Каракаш на фасцинантен и динамичен начин ги опишува темните места и сенките од сјајот на градот на уметноста и убавината. „Мракот на велеградот, суровоста на европската практика далеку од европските прокламации, егзистенцијалните маки на поединецот, во моќната визура на Каракаш создадоа роман со сјајно место во новата хрватска проза“ (Мирјана Јуришиќ, Вечерњи лист). „Сјајно место за несреќа е најкомплексната (допира цел мозаик современи проблеми) и досега секако најуспешната (фабуларно добро водена, композициски урамнотежена, раскажувачки уверлива) проза на Дамир Каракаш“ (Страхимир Приморац, Вијенац).