Македоника Литера

Поглед отстрана. Рацин (1908 - 1943)

Горан Калоѓера

250 ден.

134 стр., 200 х 140 мм, 2023

Како што пишува авторот во воведот на книгата, Рацин е неговиот научен предизвик за кого, уште како млад научник, се обидел детално да го реконструира престојот во Хрватска и неговите дружења со истакнати антифашисти, писатели, уметници и политички другари. Во воведниот дел проф. д-р Горан Калоѓера пишува за Рацин како интелектуалец, поет, романсиер, публицист, критичар, полемичар, собирач на усно народно творештво, односно за неговата биографија, за неговото место и поврзаност со хрватската култура и со Хрватска воопшто. Главниот дел од книгата е анализа на публицистичкиот опус на Рацин, неговата проза, поезијата (песни на хрватски/српскохрватски јазик), култната книга „Бели мугри“, песните на Рацин надвор од збирки и поетски циклуси, како и збирката народни песни што ја подготвил Рацин пред неговата смрт во 1943 година. На крајот од книгата авторот дава заклучен осврт. Ова е втора книга на Калоѓера за Коста Солев Рацин, првата е напишана на почетокот на неговата научничка дејност.
„Ретко кој македонски поет привлекол толку внимание кај теоретичарите, книжевните историчари и филолозите како Рацин. Рацин беше карпа, брана, првоборец во уметничкиот израз на мајчиниот јазик, потпора и надеж за многумина, пример за идеален револуционер и на крајот жртва. Беше човек визија, предвидел многу историски настани, кои за жал се обвистинија. Тој беше најчесното и најчеститото нешто што го имаа Македонците во периодот меѓу двете војни“ – пишува Калоѓера за Рацин.
Во предговорот Славчо Ковилоски пишува:
„Делото ’Поглед отстрана. Рацин (1908 – 1943)‘ од Горан Калоѓера е силно, експресивно, набиено со емоции, но и остварување коешто дава одлична слика за времето во кое живеел Рацин, како и за неговата личност. Изнесените анализи и синтези се и тоа како добредојдени за пошироката македонска читателска јавност, а со сигурност ова важи и за хрватските читатели. Всушност, авторот гради уште еден мост на поврзување помеѓу Македонците и Хрватите, во негов препознатлив стил. Тој е директен при соопштувањето на своите согледби и ставови и тоа му дава посебна тежина, убавина и читливост на книгата. На крајот, Калоѓера завршува со констатацијата дека без разлика на временската дистанца и релативно скромниот опус на Рацин, тој и понатаму останува најпознатиот македонски писател во Хрватска. Така ќе завршиме и ние, со констатацијата дека Калоѓера е еден од најпознатите современи македонисти, не само во Хрватска, туку и во европски рамки.“