Македоника Литера

Македонија - Незгасната љубов во време без надеж

Оливера Тренчева
МАКЕДОНИЈА – НЕЗГАСНАТА ЉУБОВ ВО ВРЕМЕ БЕЗ НАДЕЖ
(Животот и делото на Константин Тренчев) 
300,00 ден.

Книгата на Оливера Тренчева „Македонија – незгасната желба во време без надеж“, со поднаслов: „Животот и делото на д-р Константин Тренчев“, му е посветена на еден од првите македонски доктори, хуманист, патриот и национален деец, доследен до фанатизам на идејата за остварување на македонската државност, создавање на слободна и обединета, самостојна и независна македонска држава. Дејноста на Константин Тренчев досега не е расветлена во историографијата.

 Константин Тренчев (1895, с. Владимирово, Беровско – 1969, Скопје), заедно со неколкумина истомисленици, меѓу кои д-р Константин Терзиев од Кукуш и д-р Васил Иванов од Струмица, е еден од основачите на ВМРО 1945, и е еден од потписниците на Меморандумот до големите сили и ООН за создавање самостојна и независна држава Македонија.

Набргу биле откриени основачите и раководителите и на сите 13 члена на ЦК на ВМРО 1945, им биле изречени смртни пресуди. Таа пресуда била извршена само над д-р К. Терзиев, а на другите осудени пресудите им биле заменети со долгогодишни казни.

Константин Тренчев минал осум тешки затворски години, како и во напорна работа на повеќе градилишта низ Македонија, само затоа што се залагал за независна македонска држава. Оваа книга е прво сведоштво за неговата патриотска дејност и за неговите страдања и претставува првата негова рехабилитација како жртва во борбата за самостојна македонска држава.

Оваа книга, напишана од Оливера Тренчева, ќерка на д-р Тренчев, претставува сведоштво и за патриотската и револуционерната дејност на три генерации на семејството Тренчеви. Тренчева ја изнесува трагичната сторија на семејството, но секако најмногу трагичната судбина на д-р Константин (Коста) Тренчев, кој уште од дете ги почувствувал тие семејни трауми, па пишува за неговата голгота, за четирите години минати во рововите од Криволак до Дојран за време на Првата светска војна, потоа за студентските години и неговите активности во Виена во Македонскиот студентски сојуз и Македонската федеративна организација, како и за активностите за време на Кралството Југославија. Авторката најголем дел од книгата посветува на најтрагичниот дел од животната сторија на К. Тренчев – грозоморните истражни затвори, самечките карцери и осумгодишната голгота во Идризово, само затоа што голем дел од животот го посвети и се бореше за остварување на вековниот македонски идеал – создавање на самостојна независна македонска држава. Книгата содржи и повеќе фотографии и документи кои се однесуваат на семејната историја и на дејноста на Константин Тренчев.

Прим. м-р Оливера Тренчева, специјалист по медицинска биохемија е родена во Берово. Средно образование завршила во Скопје, а високото го стекнала на Универзитетот во Загреб. Повеќе од 35 г. работела во Градската општа болница во Скопје, како раководител на хематолошко-биохемиската лабораторија. Покрај оваа лабораторија, Тренчева формирала уште неколку лаборатории. За нејзиниот целокупен придонес во развојот на медицинската биохемија е добитник на југословенски и македонски признанија, меѓу кои и Орден за заслуги за народ со сребрена ѕвезда.

Објавила околу 35 стручни и научни трудови во разни медицински списанија, билтени и др. Дел од нив презентирала на конгреси, симпозиуми, семинари и др. Соработувала и во публицистичко-едукативни списанија.

„Македонија – незгасната желба во време без надеж“ е нејзина прва публикација надвор од нејзината стручна дејност.