Аспекти на големобугарскиот шовинизам
втор дел
Константин Георгиев
500 ден.
256 стр., 240 х 170 мм, 2026 г.
„Филетизам или проклетство“ е капитален историографски и социолошки труд на универзитетскиот професор д-р Константин Георгиев од Софија, Р. Бугарија, кој поради репресиите што ги доживувал предвреме ја завршил својата кариера на универзитетски професор.
Првиот дел од овој обемен труд е веќе објавен на македонски јазик („Менора“, Скопје, 2016). Бугарското издание е на Бугарската лига за правата на човекот и граѓанинот, Софија, 1995 г. Поради важноста и вредноста на ова капитално дело за бугарската политика во изминатите 150 години и за филетизмот во Бугарија, кој посебно се одразува врз Македонците во таа земја, трудот на Георгиев се заокружува со публикувањето на овој втор дел.
Д-р Георгиев аргументирано и врз издржана фактографија и научна методологија ги разобличува бугарската политика и бугарскиот шовинизам, односно филетизмот во Бугарија и неговите погубни и неповратни последици врз Македонците во таа земја, кои, не само во пиринскиот дел на Македонија, туку и во голем број со присилни или принудни миграции се доселени од Егејска Македонија, но и од Вардарска Македонија.
Авторот на проблемот му приоѓа од многу поширок аспект и ракурс – не го третира и разобличува само филетизмот во потесна смисла на зборот, туку и воопшто големобугарскиот шовинизам и бугарската политика на непочитување на националните права на другите етнички заедници кои живеат во таа земја, бугарските национални митови и воведувањето на нивната романтична кауза за македонизмот како борба и негирање на македонството, односно на македонскиот идентитет.
Пишувајќи за големобугарскиот шовинизам, Георгиев во предговорот констатира дека тој е „жестока болест на Бугарија“. „Не патриотизам и родољубие, туку бесен национализам, трансформиран во манија за величие на една земја во тројна, спротивна пропорција на секој нејзин потенцијал, со злоба кон сè небугарско, со патолошки територијални и национални аспирации, со чудовишно угнетување на националните малцинства внатре во неа. Издигнат во ранг на национална политика, на национална свест и психа, така да се каже – во начин на живеење на сите генерации, тој десетици години беше фундамент на буржоаска Бугарија. По паѓањето на монархијата би било нормално да се очекува дека во еден подолг или пократок период со него ќе биде завршено... Меѓутоа, спротивно на секаква логика, тоа не се случи... Анализиран преку сите негови пројави, шовинизмот слободно може да се нарече бугарска идеологија.“
Целта на овој труд, како што посочува авторот, е преку напишаното од самите адепти на шовинизмот да биде синтетизиран неговиот профил и да се одговори на една потреба во историографијата. „Тоа се наметнува од илјадно повторуваните обвинувања од страна на бугарската официјална историска наука против секој труд во кој најмалку секој трет исказ не е поврзан со изворите – дека е недоволно аргументиран, необјективен или измислен – како што беше тоа случај по издавањето на `Историјата на македонскиот народ`. За оваа бугарска `наука` навистина и најпрецизните факти немаат значење.“
Авторот го изнесува своето „убедување дека целата невистинитост, тенденциозност и неубедливост на бугарската псевдонаука за таканареченото `македонско прашање` станува јасна и видлива штом ќе биде споредена и со другите `национални идеали`, со аспирациите кон другите земји и народи, со политиката кон малцинствата внатре во Бугарија – за да се види дека како територија, политика и мисловност таа насекаде е една и иста, константна во својата пристрасност, свирепа во негирањето на вистината, сервилна кон политичката конјуктура – како некогаш, така и сега.“
Овој исклучителен историографски труд, кој зафаќа различни историски периоди, се потпира на огромна, разновидна и релевантна фактографија, користејќи близу илјада извори (литература, архивски фондови, весници и сл.) и наведувајќи (во интегралното издание) близу три илјади цитати (фусноти) од релевантни извори.
Превод од бугарски јазик: Ванчо Меанџиски
