Македоника Литера

За списанието

          Друштвото за издвачка дејност МАКЕДОНИКА ЛИТЕРА од Скопје првиот број на списанието МАКЕДОНИКА го објави во април 2011.

Главен и одговорен уредник на списанието е проф. д-р Науме Радически, а членови се уште проф. д-р Волф Ошлис и Нове Цветаноски. МАКЕДОНИКА концепциски и содржински се разликува од другите списанија коишто излегуваат во Република Македонија. Објавува прилози од повеќе области кои ги афирмираат современите македонски културни вредности, македонската културна историја, културно наследство, историја, етнологија, литература, јазик... Донесува трудови со нови сознанија и ќе иницира истражувачки потфати на македонски теми, но и на универзални и цивилизациски теми кои се значајни и за македонскиот културолошки простор. Посебно внимание ќе посветува на објавувањето на текстови на странски автори кои се однесуваат на Македонија, а кои досега се недоволно познати за пошироката, но и за стручната читателска јавност во Македонија. Истовремено ќе поттикнува компетентни странски автори да се осврнуваат на прашања на македонски теми, збогатувајќи ја на тој начин странската библиографија за македонистиката. Всушност, сите прилози на македонска тема, објавувани во МАКЕДОНИКА ќе придонесат за збогатување на своевидниот енциклопедиски мозаик на тема Македонија. Притоа, основните критериуми во одбирот на трудовите и темите ќе бидат научната, методолошката и естетската релевантност, а не импресијата и егзалтацијата. Всушност, текстовите во списанието уште од првиот број имаат меѓународни референтни ознаки.

Поради концепциската определеност и ориентираност кон странски автори и трудови, најмалку еден член на редакцијата ќе биде странски автор, македонист, балканолог или упатен во одредена област поврзана со Македонија. Ќе настојуваме МАКЕДОНИКА да излегува четири пати годишно.