Македоника Литера

Втор час по пеење и мислење

Вјачеслав Купријанов

150 мкд.

130 стр./ A5 формат (200x140)

      Вјачеслав Купријанов (1939) е афирмиран руски поет, прозаист, есеист и преведувач. Во неговото творештво доминира поезијата. Својата прва поетска книга ја објавил во 1981 година, но со меѓународна афирмација почнал да се здобива уште по објавувањето на првите песни, така што за него пишува и Блаже Конески уште во 1979 година, препејувајќи негова песна на македонски јазик.

       Купријанов е добитник на десетина меѓународни книжевни награди, меѓу кои и на „Поетското жезло“ на Друштвото на писателите на Македонија во 1999 година, кога е избран и за член на Советот на Струшките вечери на поезијата. Преведен е на петнаесетина јазици, а најмногу – со десетина книги, на германски јазик. Негови книги се објавени и во Србија, Бугарија, Црна Гора, Хрватска, Полска, Словачка, Чешка, Италија, Франција, Англија, Шпанија, а во поново време и во САД, во неколку земји на Јужна Америка, како и во Индија и Кина. На македонски јазик е веќе објавен еден негов поетски избор – „Вежби по пеење и мислење“ (1998), во редакција на Гане Тодоровски. Освен тој избор, објавен е и неговиот роман „Вашето Височество Животно“ („Македонска реч“, 2012).

      Неговото творештво е оценето како поезија на мислата. Неговата поезија е „интересна синтеза на лирика и филозофија“ (Г. По­же­њан); „Силата и привлечноста на поезијата на Купријанов е во мислата, пројавена низ длабоко личносно, емоционално восприемање на светот“ – А. Сенкевич; „стиховите на Купријанов се трезвено ехо од лирската воздишка на епохата“ – В. Липњевич; неговата поезија е „јасна проја­ва на парадоксален интелектуализам...“ – Г. Филипов; „Нејзината наводна апстрактност, ако повни­ма­телно погледнеме, е далеку поактуелна од напати вос­хи­тувачките агитациски стихови“ – Р. Лауер...

      Во претходно објавената книга на македонски јазик – „Вежби по пеење и мислење“, преовладуваат стихови со критички осмислувања на резул­татите од „будалскиот хуманизам“ на социјалистич­киот експеримент од втората половина на 20 век, а во „Втор час по пеење и мислење“ составувачот и препејувачот избра песни за морално-етичките аспекти на човекот-мутант во постмодернистичкиот свет од почетокот на 21-от век. Стиховите се групирани во четири циклуси: „Од космичка перспектива“, „Во овој пазарџиски свет“, „Остатоците на великиот народ“ и „Како да се стане човек“.