Македоника Литера

Неколку денови од август

Мирјана Дуганџија

200 мкд.

197 стр./ A5 формат (200x140)

      Романот Неколку денови од август беше сметан за едно од најдобрите прозни дела во 2011 година во Хрватска – беше финалист на четири високи награди.

      Се одликува со висок естетски вдахновен и лиричен израз. Има сложена и амбивалентна раскажувачка структура, го опфаќа емотивното и рационалното, внатрешното и надворешното, приватното и јавното, личното и семејното. Неколку денови од август е сложен роман за личност која со сите свои ментални, физички, чувствителни и чувствени доживувања, е комплицирана и чувствителна. Тоа е приказна за жена во средни години која во своите високи потпетици вешто одржува рамнотежа во животот и во пишувањето, во чии фрагменти се прелистуваат разни аспекти на нејзината егзистенција: љубовниот живот, новинарската кариера, семејната приказна, бившиот брак, односот со синот, шопинг хистеријата...

      „Неколку денови од август“ сосема заслужено ги доби позитивните критики на критиката (М. Јерговиќ, З. Фериќ, З. Јанковиќ, Б. Пстников, В. Арсениќ, Т. Панчиќ и други).

      „Се чини дека Мирјана Дуганџија напишала книга во која ништо, или скоро ништо, не измислила. Во „Неколку денови од август“ е собран нејзиниот живот, и тоа во неколку различни слоеви, и, потенцијално, во различни романи. Првиот е приказната за жена што е во средни години, има син кој тукушто не одраснал, и после мачниот брак е во врска со оженет маж. Другиот е транзициска приказна за новинарка во една дисфункционална новинарска редакција и за обидите да се преживее во професијата која во Хрватска ја изгубила општествената смисла. Третиот е приказната за градското семејство за време на социјализмот, кое во нови услови и со малку искривен национален профил, ја дочекува староста. Четвртиот е роман за дваесеттиот век, потрагата по семејниот идентитет, по судбините на тетките и стриковците, чиишто лица бледнеат во семејните албуми. Гласот на Дуганџија е нежен и авторитативен, некако господски. За да се пишува така, треба да се има вонсериски дарба.“

(Миленко Јерговиќ)

      „Она што романот го прави далеку посериозен од конкурентните, и навистина вреден за читање е описот на скриеното, само назначеното, скоро потсвесно насилство во односот помеѓу љубовниците. Нараторката за него не зборува експлицитно, тоа на две-три места се остава како можност, но некоја разорна моќ на злото, која, на пример, пулсира од речениците во средбата на психијатарот и седумнаесетгодишната нараторка во Солун, како да ја истакнува онаа мрачната страна на љубовта и односот помеѓу половите за која ретко се зборува а уште поретко се пишува.“

(Владимир Арсениќ)