Ранко Матасовиќ
250 ден.
188 стр., 200 х 140 мм, 2023
„Неразбудениот“, е роман со автобиографски елементи, хроника на загрепското поднебје и хрватското општество од 1920-тите до 2000-тите години. Животот на Радован Маретиќ, главниот јунак на овој роман, е опишан низ погледите на луѓето од неговата околина – семејството, пријателите, соработниците, љубовницата… Секој од нив додава по едно камче во мозаикот кој го создава ликот, кој ја создава личноста. Авторот вешто го крие сезнајниот раскажувач, елегантно преминувајќи во раскажување во прво лице низ устата на сведокот на Маретиќевиот живот. Романот го следи животот на Радован Маретиќ, загрепски архитект и социјалистички директор со славонски корени, чие животно дело е катедралата „Св. Бонавентура“ во Бања Лука.
Денис Дерк („Вечерњи лист“) за романот пишува:
„Радован Маретиќ е измислен, но не и исфантазиран лик, зашто веројатно се работи за псевдоним на таткото на Матасовиќ кој навистина бил еден од проектантите на архитектонски современата бањалучка катедрала, автор на ’Прирачникот за успешно раководење‘ и син на познатиот и плоден писател од католичка провениенција Антун Матасовиќ. Очигледно, ’Нерaзбудениот‘ е роман со клуч во кој академикот Матасовиќ ја раскажува можната историја на своето разгрането семејство. Разгрането затоа што татко му имал многу браќа и сестри, а скоро сите тие добиле спомен во овој класично напишан роман..., но со многу попатни и разорни историски факти и реминисценции.“