Македоника Литера

Доставувачот на пораки

Лиу Лиангченг

600 ден.

386 стр., 200 х 140 мм, 2024 г.

 

   Романот „Доставувачот на пораки“ (2019) е егзотична, мистериозна и филозофска авантура на доставувач на пораки и магаре. Во него има многу фантастични елементи, и честопати се наведува читателот да се запраша каде е границата меѓу реалноста и заумноста, дали воопшто постои. Има и пасторални и филозофски елементи, а авторот го опишува односот меѓу луѓето и магарињата, односно најголемиот дел од приказната тече од магарешка, а помал дел од човечка перспектива. Заличува на надреална басна и по малку мистична, главните ликови се магариња, монаси, воини..., а дејството се случува во дамнешно неопределено време.
   Преку ономатопејските звуци и метафори кои се застапени во романот, писателот како да ги поставува на исто рамниште природата и душата на сите живи и неживи суштества, земјата и рајот, реалното и нереалното. Овде дури и звукот добива своја форма за која луѓето не се свесни (можат да ја видат само магарињата). Како да не постои никаква разлика ниту меѓу човекот и животните, секој од нив во својот свет, со својот јазик. Во магичниот свет на Лиу Лиангченг лаежот на кучињата, магарешките рикови и песната на петлите имаат моќ да пренесуваат пораки од едно до друго растојание. Главните протагонисти, еден преведувач и едно магаре, исто така имаат задолжение да пренесат порака, патувајќи низ пустината, поминувајќи низ разни премрежиња и сведочејќи за војната меѓу две царства, кои војуваат толку одамна што веќе не се знае зошто почнале да војуваат.
   Сместена во царствата Пиша и Хеиле, две завојувани земји без никаква официјална комуникација, оваа необична фантастична басна се фокусира на приказната меѓу Ку, гласник и познат преведувач кој течно зборува неколку јазици и магарето по име Шјие, за кое се вели дека е порака. Ку бил замолен да го предаде магарето во непријателската земја оддалечена илјадници милји, па така двајцата тргнуваат на патување. Заедно минуваат боишта и пустини, и стануваат сведоци на неверојатни случки за животот и смртта.
   Фантастична, но и филозофска загатка, „Доставувачот на пораки“ е калеидоскопско патување до раскрсницата на војната, љубовта, верата и моќта. Лиу Лиангченг ја истакнува хармонијата меѓу човекот и природата во оваа чудна и сурова новела, држејќи се до својот писателски концепт „сè има дух“. Светот е полн со духови, но само магарињата можат да ги видат. Во меѓувреме, во човечкиот свет, војната и по сто години нема крај на повидок.
   За овој роман нема позитивни реакции само од книжевната критика, туку и позитивни коментари од кинеските читатели, а особено е интересно прашањето за јазикот (главниот протагонист е преведувач/толкувач) и дали и колку можеме да ги искажеме нашите чувства докрај, користејќи го јазикот како алатка.