Македоника Литера

Приземна Америка

 прв дел

Иљја Иљф и Еевгениј Петров

400 ден.

234 стр., 200 х 140 мм, 2026

„Приземна Америка“ е маестрален патопис, култен патопис за сите времиња.

Иљф и Петров заедно пишувале романи, патописи, сценарија, есеи, водвиљи..., а едно од најпопуларните дела на овој тандем е оваа патописна книга.

Во триесеттите години на ХХ век високите советски раководители ги испратиле овие двајца големи сатиричари и писатели во службена посета и да пишуваат патописи со кои на советските читатели ќе им „ја откријат“ тогаш недоволно познатата Америка, срцето на капитализмот, зафатен со големата економска криза. Очекувале жестока критика и разорна сатира за „декадентниот капитализам“, но тие испишале брилијантни патописи и на духовит и сатиричен начин ги опишуваат своите искуства и запознавање со американската култура и начин на живеење, не воздржувајќи се да ја критикуваат и американската реалност на 1930-тите и советските предрасуди за САД. Ја виделе и опишале високо­катната, но ја виделе и еднокатната, приземна, Америка.

Во септември 1935 година, како дописници на весникот „Правда“, Иљф и Петров, отишле во Соединетите Американски Држави во времето на претседателот Франклин Рузвелт, кој придонесол за зближување на САД и СССР. Ова им овозможило на овие двајца автори слободно да се движат низ земјата и да го запознаат подобро животот на различните слоеви на амери­кан­ското општество. Иљф и Петров во Америка престојувале три и пол месеци. Извадоци од книгата во подготовка најпрвин биле објавени во „Правда“ и во списанието „Огоњок“ (каде биле објавени и фотографиите од патувањето на Иљф), а потоа во целост патописите биле објавени во 1936 година во списанието „Знамја“, додека во 1937 г. биле објавени како посебна книга.

Во советскиот период, книгата била повторно објавена во 1947, 1961 и 1966 година, но во тие изданија текстот бил предмет на политичка цензура. Така, исчезнале референциите за Сталин и за други политички фигури од текстот. Текстот претрпел особено многу промени кога бил објавен во Собраните дела на Иљф и Петров во 1961 година. На пример, упатувањето на преселбата на Чарлс Линдберг од Америка во Европа по кидна­пи­рањето и убиството на неговиот син, што било поврзано со подоцнежната соработка на Линдберг со нацистите, исчезнало.

Всушност, по 1947 година, а со почетокот на кампањата за „борбата против додворување на Западот“ и антиамерикан­ската насока на советската надворешна политика, книгата била отстранета од јавноста и ставена во посебен магацин. За цитирање на книгата или на нејзини поединечни фрагменти, луѓето биле испраќани во логори под изговор за „контрарево­лу­ционерна пропаганда или агитација“. По смртта на Сталин во 1953 година, за време на Хрушчов, книгата повторно се појави­ла во јавноста, исто како и другите дела на Иљф и Петров.

Тешко е да се каже што точно ги мотивирало високите советски раководители да ги испратат овие двајца писатели, врвни сатиричари, во срцето на капитализмот. Веројатно очеку­ва­ле злобна и разорна сатира за земјата на „кока-кола“, но резул­татот бил сериозна, коректна и добронамерна книга. Таа предиз­викала голем интерес кај советските читатели, кои дото­гаш речиси немале поим што се Соединетите Американски Држави.

Превод од руски јазик: Маја Белева