Македоника Литера

Марика и Стравот

Емилија Славковска

100 мкд

 

     Во новелата „Марика и Стравот“ има необична и нестандардна раскажувачка постапка – се раскажуваат приказни и мисли на различни луѓе, наназад, секоја наредна приказна се случува една година порано. Започнува со тажен крај, а завршува со среќен почеток.

     Темите во приказните содржат многу прашања и индивидуални заклучоци за љубовта, смртта, внатрешните конфликти и мисли кои би можеле да се наречат абнормални или нереални, иако притоа е речиси незабележлива границата меѓу реалноста и иреалноста. Сепак, ова дело овозможува поглед на реалноста од длабоко интерен (индивидуален) аспект, необјективен но искрен, издлабен со вистинско чувство и емоција од вистинска личност и дава можност да се искуси нечиј внатрешен свет од објективен читател.

   

     Рецензентот Ѓоко Здравески, меѓу другото, за книгата на Славковска пишува: „`Марика и Стравот` е ракопис што ќе внесе свежина во македонската книжевна продукција. Жанровски може да се дефинира како хибрид што во себе ги содржи трите книжевни рода: епскиот, лирскиот и драмскиот... `Марика и Стравот` лесно може да се дефинира како постмодернистички, не само поради хибридноста, туку и поради својата фрагментираност, но и поради клучните онтолошки прашања што се отвораат во него, како што се прашањето за двојникот или прашањето за постоењето на паралелни стварности...

    Иако се работи за дебитантски ракопис, од аспект на содржината, станува збор за дело на автор со јасно изграден светоглед, дело во кое се отвораат важни филозофски прашања, но и за дело што е оригинално по својата форма, дело какво што, колку што ми е мене познато, сè уште не се јавило на нашата книжевна сцена.“ Ова необично и постмодернистичко дело носи авторска зрелост, смелост и автентичност и претставува авангарден исчекор на младата македонска книжевна сцена. Емилија Славковска ги комбинира видовите на книжевно изразување, па иако целата книга е во форма на роман, елементите на стихови, одделни раскази, дијалози и драмски минијатури се вешто искомбинирани. Сите раскази и стихови, иако читани одделно се комплетни и самостојни, со последната реченица од секое поглавје успева ненаметливо да создаде причинско-последична поврзаност на ликовите и настаните. Авторката не експериментира само со формите, туку и со просторот и времето, оформувајќи ја книгата како двонасочна, па може да се чита од почеток кон крајот, и од крајот кон почетокот, опфаќајќи период од дваесет години, започнувајќи со сегашноста и навраќајќи се кон минатото, и симболично, секој настан се случува на истиот датум, претходната година.

    Сè започнува и завршува со Марика, главниот лик околу кого циркулираат другите ликови. Расказите претставуваат некогаш болни, а некогаш весели случки и опсесии на широката палета на ликови, прикажувајќи ги разните делови на авторот во нивните карактери. Со комбинација на реалното и надреалното, преку една низа нелогичности, зборува за смислата на животот, значењето на смртта, телесното и бестелесното, патот на душите и пронаоѓањето и поврзувањето на сродните души, објаснувајќи дека љубовта не е доволна за да се биде среќен и слободен