Македоника Литера

Енциклопедија на естетиката и на теоријата на литературата

Јуриј Борев

Енциклопедија на естетиката и на теоријата на литературата

600 мкд
   Во оваа Енциклопедија се содржани основните општоприфатени термини и проблемите на класичната теорија на книжевноста и естетиката разработени во светската теориска наука и познатите научни школи во XIX и XX век.

      Енциклопедијата дава опширни историско-теориски знаења, обработувајќи ја историјата на естетиката, историјата на уметностите и историјата на литературата, но пред сè ги опфаќа популарната терминологија и проблематиката кои се веќе длабоко вкоренети во науката. Објаснети се, исто така, и основните термини и проблеми на многубројните понови книжевни и уметнички критички школи (структурализмот, „новата критика“, семиотиката, рецептивната естетика, деконструкцијата, херменевтиката, наратологијата, реториката). Малку внимание & се дава и на терминологијата на националните источни школи на поетиката (главно заради споредба на тие термини со термините на европската наука). Како што посочува и авторот во предговорот, повеќето книжевнокритички термини се земени од старогрчкиот, латинскиот, англискиот, францускиот, германскиот, шпанскиот, италијанскиот, данскиот, рускиот, арапскиот, јапонскиот, старофранцускиот, старопровансалскиот и древнонордискиот јазик. Мал дел се преземени и од српски, кинески, персиски, турски, велшки и корејски јазик.

      Авторските дефиниции се дополнети со опсежен референтен материјал – информации за постојните карактеристики во современата наука и дефинирање за истите научни термини, кои ги определува авторот. Преземени се дефиниции од вкупно 120 извори. Со тоа, како што нагласува  Ј. Борев, читателот може да добие многустрана информација, која соодветствува на современиот филозофски принцип на „системскиот плурализам“: 1) мрежа од авторските (монистички) дефинирање на основните термини; 2) податоци за дефинирање на истите термини во руската наука; 3) податоци за разбирање на истите термини во светската наука; 4) податоци за термините, што не се прифатени во руската литературна критика, уметничка критика и естетика, но се употребуваат во англиската, француската, германската, јапонската и другите странски национални научни литературнокритички и уметничкокритички школи.

      „Енциклопедија на естетиката и на теоријата на литературата“ содржи околу две илјади термини, односно обработени теми, во обем од 74 авторски табаци. Оригиналното издание е на Руската академија на науките и на Независната академија за естетика и уметности, во многу поголем обем и со илустративни прилози. Значителни скратувања од оригиналот се направени во ова издание на македонски јазик, како поради ограничените можности за преведување и издавање, така и заради изоставување на терминологијата којашто е карактеристична само за рускиот јазик, естетика и теорија на литературата, односно таа терминологија или не се употребува во македонската практика и во други јазици, или пак скратените делови првенствено се однесуваат на прашања во национални рамки, односно за руската национална естетичка, уметничка, културна и литературна средина. Наспроти тоа, во текот на 2010 и 2011 година авторот го дополнуваше веќе постојното енциклопедиско издание и дополнетите делови сукцесивно ги испраќаше за превод на македонски јазик сè до почетокот на септември 2011 година. Според тоа, ова македонско издание е првото кое ги содржи најновите дополнувања со податоци и сознанија на авторот од областа на естетиката, теоријата на литературата и уметностите.

      Преводот на ова капитално и обемно дело е на група преведувачи: Ленче Тосева, Тронда Пејовиќ, Фросина Манева, Мирјана Мишкоска и Елена Бојчев, а стручната редакција на проф. д-р Кристина Николовска.

      Ова е прв ваков лексикографско-енциклопедиски труд од овие области објавен на македонски јазик.

      Јуриј Борисович Борев (1925) е руски писател, критичар, прозаист, доктор по филолошки науки, академик, претседател на Независната академија за естетика и уметности на Русија, член на Њујоршката академија на науките, раководител на одделението за уметности на Руската академија на науките, член Сојузот на писателите на Русија... Професор на Универзитетот Ломоносов во Москва. Го сметаат за водечкиот автор на естетичка литература во светот. Истражувач и собирач е и на фолклор. Прв го вовел терминот „интелектуален фолклор“.

      Автор е на над 30 монографски трудови и на повеќе од 400 стручни статии од областа на естетиката, теоријата на литературата и уметноста.

      Негово најпознато дело е „Естетика“, објавена на 17 јазици, меѓу кои и на македонски („Македонска реч“, 2008), и со десет руски изданија, со вкупен тираж од повеќе од еден милион примероци. Се смета за најактуелното, највлијателното и најкомплексното естетичко дело во светот во моментот и се изучува на многу престижни универзитети во светот.

      Борев е автор и на неколку прозни дела (романи, историска пародија, политичка пародија). Најпознато дело е „Сталинијада“ – со седум изданија на руски јазик и преведено на полски, германски, италијански, јапонски, бугарски, српски и на други јазици, во вкупен тираж од 2 милиона примероци.

      Делата на Јуриј Борев се објавени на 37 јазици.

      Енциклопедијата е веќе објавена на неколку јазици, а уште на неколку преводот е во тек – податок што говори за актуелноста и значењето на ова капитално дело во светската енциклопедиска, односно естетичка и теориска литература.

      Научниот и авторскиот мотив за создавање на вакво енциклопедиско издание на термини Ј. Борев го објаснува со значењето на термините во науката, повикувајќи се на цитатот на поранешниот руски професор О. Сергиев: „Секоја наука е систем на термини. Затоа животот на термините – и е историја на науките... Да се изучи историјата на науките, тоа значи да се изучи историјата на терминологијата. Не барајте во науката ништо друго освен термини, дадени во нивниот заемен однос: целата содржина на науката, се сведува токму на термините во нивните врски, а тие врски ги даваат претходно определените термини.“

      Нарачај